Поштенските картички на Пабло Пикасо

Поштенските картички на Пикасо до Гертруда Стајн, Жан Кокто, Лео Стајн и Гијом Аполинер

Своерачно нацртаните илустрации на поштенските картички кои Пикасо ги испраќал на неговите пријатели претставуваат комбинација на зборови и цртежи создавајќи нешто ново и многу лично.

Поштенска картичка на Пикасо до неговиот близок пријател и уметник Жан Кокто – насликан балконот на зградата каде што мајката на Кокто имала стан

Пикасо често и пишувал на американската писателка и колекционерка Гертруда Стајн која што ја запознал во Париз. Стајн со љубов раскажува за нивното пријателство во Автобиографијата на Алис Б. Токлас, најпродаваниот мемоар на Гертруда за годините поминати во Париз низ очите на нејзиниот пријател.

Поштенска картичка на Пикасо до Лео Стајн – Париз, 27 април 1907

Домот на Стајн во Париз бил преполн со сега познати слики, а вратите кои воделе до трпезариската соба биле наредени со скици и цртежи на Пикасо.

Поштенска картичка на Пикасо – 23 март 1909 – до Лео Стајн и Гертруда Стајн

Интересно е што една негова поштенска картича со панорама на францускиот град По е продадена за дури 200.000 евра на аукција во Германија. Пикасо ја испратил на својот пријател, познатиот поет Гијом Аполинер на 5 септември 1918 година и наместо зборови, шпанскиот уметник му нацртал цртеж.


Поштенска картичка на Пикасо до Гијом Аполинер – 5 септември 1918

За жал таа никогаш не пристигнала на адресата на Аполинер. Пикасо ја адресирал на шпански пишувајќи „Дон Гиљермо Аполинер“, па париска пошта му ја вратила поштенската картичка на испраќачот со напомена дека „примателот е непознат“.
Неколку месеци откако му била испратена поштенската картичка, Аполинер починал.