Penny Black – првата поштенска марка

„Филателија“ е правилен термин за проучување на поштенските марки и нивно собирање. Терминот е скован во 1865 година од Џорџ Херпин, кој многу веројатно можел да биде и првиот колекционер на поштенски марки. Терминот доаѓа од антички грчки φιλο, што значи „љубов кон“ и ἀτέλεια, што значи „без данок“.

Поштенската марка може да открие повеќе од историјата на едно писмо, може да ја открие историјата на еден народ.

Книгата „Историја на Британија во триесет и шест поштенски марки“ од Крис Вест ја раскажува приказната за поштенската марка. И приказната на Британија исто така. Вест и самиот филателист кој наследил колекција од неговиот вујко во која имаше „Penny Black“ – првата поштенска марка издадена во Велика Британија и што е уште поважно, првата поштенска марка издадена било каде.

„Penny Black“ го носи ликот на кралицата Викторија, но првата британска поштенска услуга не потекнува од викторијанска Англија. Во 1680 година, претприемач по име Вилијам Доквра формирал јавен сервис кој гарантирал брза достава на писмо насекаде во Лондон. Неговиот систем брзо потоа бил национализиран. Далеку од совршен систем, оптоварен со давачки и тарифи што го правеа испраќањето писмо неразумно скапо. Уште полошо, примачот требало да плати. Како што можете да си замислите, ова претставувало проблем – или луѓето “не биле дома” или едноставно одбивале да платат. Системот едноставно не функционирал.

Околу 50 години подоцна, Роланд Хил помислил дека може подобро. Во еден од неговите најпознати есеи, Реформата на поштата, нејзината важност и практичност, Хил тврди дека се укинуваат поштенските тарифи и се заменуваат со единствена национална етикета од еден пени, што ја плаќа испраќачот.

Кога поштата ги игнорираше идеите на Хил, тој самостојно го објавил својот есеј кој набрзо ја заинтересирал јавноста. Тогаш, Хил бил повикан од генералниот директор на поштата Лорд Личфилд за да разговараат за поштенските реформи и, за време на нивниот последователен состанок, двајцата замислија леплива етикета што може да се нанесува на пликоа. Иако имало добар одек кај јавноста официјалните лица сè уште не биле убедени. За среќа, Хил на крајот добил доволно поддршка од други истомисленици, како Хенри Кол, основачки директор на музејот Викторија и Алберт, како и од поголеми, моќни организации, за да го убеди Парламентот да го спроведе неговиот систем.

Во 1839 година, Хил објавил конкурс за дизајнирање на сите потребни поштенски реквизити. Победничкото решение за марките што го прикажува профилот на младата кралица било изработено од Вилијам Вион, кој дизајнот го засновал на медалот што го креирал за да ја прослави нејзината прва посета на Лондон. Хил соработувал и со уметникот Хенри Корболд за да го рафинира портретот и да ја развие сложената шема на позадината. Откако решија да ги изработат марките преку гравирање, граверите Џорџ Рушал и Чарлс и Фредерик Хит го подготвија дизајнот за печатење.

Поштенската марка „Penny Black“ се нашла во продажба на 1 мај 1840 година и постигнала голем успех. Во текот на следната година, испратени се 70 милиони писма. Две години подоцна, бројот се зголемил за повеќе од три пати. Другите земји наскоро го следеа примерот. Дизајнот на „Penny Black“ бил толку добро прифатен, што останал во употреба четириесет години, иако, како што забележува Националниот поштенски музеј, „претрпел промени во бојата (1841), била воведена перфорација (1848) и се здобил со букви за проверка во сите четири агли ( 1858 година)… и повеќето од тие дизајни биле задржани и од наследникот на Викторија, Едвард VII, (1901) со замена на неговиот профил“.

Националниот музеј за пошти, исто така, споделува увид и во тоа зошто ги ставаме марките во горниот десен агол на ковертите. За локацијата било одлучено затоа што над 80 проценти од машката популација во Лондон биле десничари и се верувало дека ова ќе помогне за забрзување на процесот.

„Поштенските марки можат да бидат добар начин за воспоставување на„ национален бренд “, вели Вест. Навистина, поштенските марки на една држава го изразуваат идентитетот и амбициите на една земја. Малку земји го разбраа ова подобро од Чехословачка, чијашто влада го ангажираше познатиот уметник и графички дизајнер Алфонс Муха да ги дизајнира своите поштенски марки – како и своите пари и скоро секое друго официјално парче хартија – кога земјата ја стекна својата независност по Првата светска војна. Вест наведува и други примери, забележувајќи како Германија, по Втората светска војна, се фокусираше на позитивниот придонес на земјата во европската култура, додека модерната Америка ја илустрира својата историја, разновидност и индивидуални достигнувања со своите бројни поштенски марки кои слават познати уметници и иноватори.

Иако поштенските марки се предмет на книгата, нејзината содржина е полна со увид во целосната историја на британската империја, од кралицата Викторија до Кејт Мидлтон. Преку книгата на Вест, добиваме фасцинантни приказни и анегдоти за војните, прославите, живата среќа на британското кралско семејство, подемот и падот на нејзината империја и, се разбира, дизајнот. Пени по пени.

Изворниот напис можете да го најдете тука.